1) Домашен транспорт
Со осигурувањето на транспорт во домашни услови се покриени сите штети кои настануваат на пратките за време траење на превозот, како што се штети поради сообраќаен удес на превозното средство (судар, удар, превртување), елементарни непогоди (пожар, експлозија, гром), оштетувања кои настануваат поради манипулирање на пратките, како и останатите штети поради транспортните ризици како што се делумна кражба, кражба и неиспорака на цели пакети, покиснување, допир со други предмети и слично.
Осигуреникот при склучување на осигурувањето може да избере помеѓу двете полиси кои се однесуваат на еднократно и повеќекратно вршење на транспортот. Со вадење на поединечна полиса вршителот на превозот обезбедува осигурително покритие кое се однесува на еднократно превезување на одредена стока, додека генералната полиса се однесува на сите пратки кои превозникот ќе ги спроведе во текот на одреден период, најчесто за време на една календарска година.
2) Меѓународен транспорт
Осигурувањето на транспорт во меѓународен превоз ја осигурува одговорноста на осигуреникот како превозник кон корисниците на превозот за докажана целосна или делумна загуба, оштетување или за задоцнување на пратките во домашен и меѓународен превоз, превземени на превоз со товарен лист или договор. Со склучувањето на договор за осигурување на меѓународен транспорт, ќе му ги надоместат на осигуреникот сите износи кои тој треба да ги плати врз основа на одговорноста пропишана во условите, како и евентуалните судски трошоци и останатите вонредни трошоци.
Како и кај домашниот транспорт, и кај осигурувањето кое се однесува на меѓународниот транспорт, осигуреникот може да избира помеѓу два типа на осигурително траење – еднократно или осигурување на подолг рок. Така, со поединечната полиса се осигурува еднократно вршење на транспорт, додека пак со договорот со отворено покритие превозникот може да го осигура вршењето на меѓународен транспорт на подолг период со кој ќе бидат опфатени сите спроведени пратки.
3) Осигурување од одговорност на превозникот (ЦМР)
Како предмет на транспортно осигурување може да биде и одговорноста на сопствениците на стока или на превозните средства – што уште се нарекува осигурување од одговорност на превозникот. Со ова осигурување носителот на полиса ја осигурува својата одговорност како превозник кон корисниците на превозот – за докажана, делумна или целосна загуба, оштетување или задоцнување на пратките во домашниот и меѓународниот превоз, преземени со товарен лист или договор.
Премијата за осигурување зависи од висината на осигурителното покритие и се утврдува со полисата за осигурување.